Friday, September 3, 2010

Македонска перверзија бр.1 - Тоше

Збирката текстови  под наслов „ Македонска перверзија“  треба да помогне во согледувањето и  разбирањето на себеси, нашиот народ , држава, зошто сме таму кај што сме и зошто се ова ни се случува.
Шегата настрана, навистина ми беше жал. Исто како што ми беше жал за сите оние млади луѓе коишто умираат од рак, леукемија, тумор (или не можат да си дозволат лекување), и воопшто за секој млад живот кој ќе се прекине на каков било начин. Значи, исто ми е жал, т.е. не! За младите коишто умираат од неизлечиви болести или се убиени ми е повеќе жал. Извинете многу. Многу ми е жал и зашто оваа наша несреќна земја стана лулка на  некрофилијата. 
За мене нема нешто пострашно  од несреќно дете. Е па, јас се соочував со тоа скоро еден месец  бидејќи предавав во училиште и секој ден имав држев часови со групи со невротични, ненаспани, потечени од плачење и  воопшто, деца на работ на нервен слом. Се разбира поради Тоше. Тие деца беа поттикнувани од нивните учителки, родители и други повозрасни ликови во нивниот живот да плачат, да тажат, да палат свеќи, да се молат, да ги слушаат песните на Тоше за да тажат уште повеќе  и во најрана возраст ( зборуваме за 7,8,9,10 – годишни деца) да доживеат невиден стрес. За да стресот и ужасните слики се врежат  што подлабоко во нивната свест се посветуваа часови на Тоше, не се одеше на училиште, не се пишуваа домашни... Според кажувањата на децата на часовите се пуштале песни од Тоше и се случувало „ колективно плачење“. А деца како деца имаат натпреварувачки дух  и се натпреварувале кое најмногу и  најгласно ќе се изнаплаче.  Па, за да поттикнуваш  такво нешто треба да си ментално болен човек. Но, за нашето образование и луѓето што работат таму поопширно во некој нареден блог . Понатаму,  се организираа „екскурзии“ до Крушево каде што децата би можеле да ја посетат куќата на Тоше и да влезат во неговата соба, пазете, да влезат во неговата соба, само неколку дена по неговата смрт.
Еден господ знае како им беше на семејството на Тоше. Е тие пак, се посебна приказна. Тажна. Во најголема жалост мораа да се соочуваат со секојдневна тортура од страна на медиумите, т.н. најблиски пријатели на Тоше и со илјадници посетители, фанови од коишто 70% беа децата  (сите тие им влегуваа дома)... најидиотско од се беше кога свечено им врачија ѕвезда со името на Тоше. Замислете, луѓето го изгубија својот син  ама ете некој се сети да им „купи“ ѕвезда. И македонската држава се покажа тука. Се гради некаков  меморијален центар и таа идеја ја поздравувам за да не мора разулавените фанови да им влегуваат дома на семејството на  Тоше.
Каков и да беше Тоше, за некои  (сега веќе)ангел, за некои достоен за светец, мултиталентиран, најдобриот глас, најдобриот македонски син, за некои пак просечен пејач, со лош стил и лоши песни, хомосексуалец, подобар од Маријан Стојановски,  кутриот  Toше,не го заслужи ова. Уште помалку неговото семејство. Неговиот последен албум беше депресивен со суицидални текстови. Децата тоа го слушаат. Неговата смрт беше несреќен случај.  И заслужува да се третира така. Не го заслужи овој траор, драма , малтретирање на неговите најблиски, тресење глупости...селективност во жалењето.
Едно прашање до сите вас коишто плачевте и уште плачете за Тоше. Плачете за Тоше? Или можеби плачете за самите вас? Затоа што сте  лицемерни ,бедни и перверзни и имате одвратен живот.  Влеговте во собата на Тоше? Супер за вас. ( Кога би било возможно вашиот  Тошка би ве прегазил со џипот за ова).
Ако толку го сакате Тоше треба да знаете дека ви е многу лут. Зошто не го оставите  него и неговото семејство на мира. Една вечер ми се јави на сон и ми рече:
 „Сакам да почивам во мир. И не сум ангел. И да, животот продолжува.“

Заб. Текстот е напишан во годината кога почина Тоше. Фановите знаат точно која.


1 comment:

  1. Alal da ti e indigochild,zakon si !!! I za Tose,i za Shehi :))))

    ReplyDelete